Промени тема
Контакт

ССКМ: Растот на минималната плата треба да го следи растот на продуктивноста на трудот

Скопје1.мк's avatar
Автор: Скопје1.мк

објавено пред 4 години -

Македонија
thumbnail_Foto-22.12.2021

Сојузот на стопанските комори се залага за раст на платите на вработените, но тој раст треба да биде последица на пазарни механизми, зголемена продуктивност на работната сила и на зголемена економска активност на бизнис-секторот. Зголемувањето на платите како последица на политичка одлука ќе доведе до нарушување на ликвидноста на претпријатијата, раст на невработеноста и економска дестабилизација, велат од ССКМ.

„Во креирањето на политиките на една земја треба да се водиме според здравата економска логика бидејќи популизмот носи дестабилизација, нарушени економски односи и поделби во општеството. Како претставници на бизнис-заедницата, секогаш поддржуваме зголемувањето на платите ако тоа е последица на пазарните механизми, зголемената продуктивност на работната сила и на зголемената економска активност на бизнис-секторот. Како претставници на над 20.000 компании членови на Сојузот, имаме обврска да ја предупредиме пошироката јавноста за последиците од политички мотивирано покачување на минималната плата на 18.000 денари на и онака нефункционалниот пазар на труд“, истакна Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на ССК.

Потсетуваме дека самиот Закон за минималната плата има вграден механизам во согласност со кој минималната плата се зголемува во март секоја година. Така, во согласност со член 4 од Законот, исплатената висина на минимална плата во бруто-износ за март секоја година се усогласува со: една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на домашниот бруто-производ за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

— реклама —

„Оваа Влада пред само две години веќе еднаш направи политички мотивиран популистички бајпас на овој механизам, така што ја зголеми минималната плата на 14.500 денари нето-износ. Од низата негативни ефекти што зголемувањето ќе ги предизвика, веројатно најголем е влијанието во насока на намалување на и онака ниската продуктивност на трудот кај нас. Да потсетиме, речиси и да нема релевантен извештај на меѓународните организации присутни кај нас, а кој не предупредува за екстремно ниската продуктивност на трудот во споредба со другите земји“, изјави Грозданов.

— реклама —

Зголемувањето на минималната плата ќе влијае и на намалувањето на мотивацијата кај дел од вработените, особено оние што до сега беа попродуктивни бидејќи голем број деловни субјекти, особено микро и малите, ќе немаат можност за поставување соодветни скалила на плати, кои ќе кореспондираат со продуктивноста и перформансите на вработените. Растот на платите дополнително ќе ги зголеми трошоците на претпријатијата, кои во периодот и без оваа мерка бележат значителен раст. Зголемените трошоци може да доведат до зголемување на невработеноста, до го отежнат процесот на отворањето нови работни места, но и до понатамошен раст на цените на производите и услугите кај нас. Минималната плата исто така ќе ги поттикне инфлаторните движења во македонската економија.

„Ако Владата е искрена во своите намери да им помогне на бизнисот и на граѓаните, треба да спроведе мерка со која ќе се намалат стапките на придонесите, кои кај нас се на екстремно високо ниво. Кај нас ефективната стапка на придонеси на бруто-плата изнесува околу 33 проценти, а за споредба – во Германија изнесува 27 проценти, Бугарија – 19 проценти, Словенија – 18 проценти, Хрватска – 17 проценти. Оваа разлика реално е и поголема кога ќе се стави во однос со квалитетот на услугите што се добиваат од државните фондови за пензиско и за здравствено осигурување. Треба и да се истакне дека на повисоко поставена минимална плата од 18.000 денари вкупниот трошок за работодавците, со вклучен данок на личен доход и придонеси, би бил околу 27.000 денари, однос за приближно 50 проценти повеќе од самата нето-плата. Од земјите во регионот Црна Гора веќе најави даночна реформа во делот на намалување на придонeсите на плата“, истакна Александра Андреева, член на Управниот одбор на ССК.

— реклама —

Ваквата ситуација на среден рок ќе води и кон зголемување на сивата економија и ќе ги принуди некои од работодавците во борбата за гол опстанок повторно да ја воведат на праксата плата во плик.

Сподели

Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели како слика
Google Постави го Скопје1 за твој Google извор
Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања