Државниот завод за ревизија утврди сериозни неправилности, незаконитости и сомнежи за злоупотреба на јавни средства во финансиското работење на АД „Државна лотарија“ за 2024 година, поради што се воздржа од изразување мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и даде неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива.
Според ревизорскиот извештај, во работењето на друштвото се евидентирани нелогични и непостоечки трансакции, сметководствени записи без соодветна финансиска документација или поткрепени со неверодостојни документи, што отвора сомнеж за злоупотреба на парични средства и незаконско работење со благајната и платежните сметки.
Во текот на 2024 година, кај 10 сопствени продажни места на Државна лотарија бил остварен дневен пазар од продажба на лотариски и електронски игри на среќа во износ од 46.039 илјади денари, но овие средства не биле редовно уплатувани на платежните сметки на друштвото, иако законската регулатива обврзува готовинските приходи да се уплатат најдоцна наредниот работен ден. Во текот на целата година, уплата на дневен пазар била извршена само двапати – во април и на крајот на годината – при што ревизорите утврдиле дека уплатените средства не потекнувале од реално примени готовински приходи, туку од подигање готовина од една и уплата на друга сметка на друштвото.
Ревизорите констатирале дека не била воспоставена практика за водење благајнички дневник, не се изготвувала соодветна документација за примопредавање на готовината, не постоела прегледност на остварениот дневен пазар и не бил овозможен навремен увид и евидентирање на трансакциите. Дополнително, не бил воспоставен систем на внатрешни контроли, ниту јасно разграничување на надлежностите меѓу вработените.
Иако во систематизацијата биле предвидени работни места благајник и шеф на сметководство, најголем дел од активностите поврзани со прием, ракување и евидентирање на готови пари ги извршувало едно лице – директорот на Секторот за финансии и сметководство. Во друштвото воопшто не функционирала внатрешната ревизија, што, според ДЗР, придонело недозволените и незаконски активности да останат неоткриени.
Ревизијата утврдила дека директорот на Секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници во износ од 13.971 илјади денари, без користење на пропишаниот механизам преку мастер дилер. За најголемиот дел од овие трансакции, во износ од 13.054 илјади денари, не била доставена уредна и валидна документација или воопшто немало документи, што создава несигурност за вистинитоста на евидентираните настани. Забележани се и случаи во кои на ист ден на исти деловни соработници им биле исплатени средства и преку благајна и преку мастер дилер, без логично објаснување.
Кај одливите и приливите на готовина по основ на дадени и вратени аванси за исплата на мали добивки, во вкупен износ од над 44 милиони денари, ревизорите утврдиле дека поткрепувачката документација е спорна и неверодостојна. Дополнително, обезбедени се писмени изјави од вработени во друштвото со тврдење дека за наведените износи не биле примени ниту вратени аванси, што упатува на сомнеж за сериозни нерегуларности и можна злоупотреба на парични средства.
Преку анализа на трговските книги, податоците од централниот онлајн систем и платформите за интернет игри на среќа, ревизорите утврдиле нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции по повеќе основи во вкупен износ од 122.490 илјади денари, што претставува сериозен сомнеж за злоупотреба на јавни средства.
Во делот на инстант лотаријата, ревизорите утврдиле дека евидентираниот износ на неисплатениот фонд на добивки е за 63.294 илјади денари помал од износот според централниот онлајн систем, што не е во согласност со правилата на играта и ја доведува во прашање исплатата на идните добивки. За три инстант игри со добивки во предмети – станови, автомобили и електрични скутери – не била воспоставена сметководствена евиденција за набавените добивки, набавките биле вршени пред одобрување на правилата од Министерството за финансии, а не биле евидентирани трошоци и обврски во значителни износи.
Во 2024 година за реклама, пропаганда, промоција и саеми биле потрошени 220.823 илјади денари, што е десет пати повеќе во однос на 2020 година. Ревизијата утврдила неправилности во јавните набавки за маркетинг, недостиг на прецизни договорни одредби, недоставени медија планови и извештаи, фактури без детален опис и сомнеж во оправданоста на дел од исплатените средства. Забелешки по овој основ утврдила и Управата за јавни приходи.
Ревизорите изразиле сомнеж и за оправданоста на средствата потрошени за организирање настани, телевизиски продукции и услуги од маркетинг агенции, при што дел од емисиите за кои било платено не биле доставени, а за други биле исплатени повисоки износи од реалните.
Неправилности се утврдени и при набавка на опрема, каде дел од опремата не одговарала на техничките спецификации, а со пописот бил утврден и кусок. Во делот на закупите, ревизијата покажува нерационално користење на јавни средства, зголемување на трошоците и плаќање закупнини за простори кои не биле користени. Забележани се и нерегуларности при реконструкција и реновирање на објекти, со утврдени неосновано поголеми износи.
Ревизорите утврдиле и сериозни слабости во јавните набавки, со голем број постапки со една понуда, рамковни спогодби со еден оператор и избегнување на Законот за јавни набавки. Констатирани се и незаконски исплати по договори за дело, неправилности кај службените патувања, репрезентацијата, одржувањето на возила и други трошоци.
Во извештајот се наведува дека за сите утврдени неправилности, незаконско користење на средства и сомнежи за незаконско работење, Државниот завод за ревизија ги известил надлежните институции за понатамошно постапување и дал конкретни препораки за отстранување на слабостите и унапредување на финансиското и материјалното работење на АД „Државна лотарија“.