Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција го објави својот став во врска со видеото и фејсбук пораката на Али Ахмети, лидерот на ДУИ.
„Секогаш кога Али Ахмети сака да и се допадне на меѓународната заедница во неговите средби се откажува од Косово, и ја подржува онаа иницијатива на Србија „Отворен Балкан“ во која што Косово не е ниту спомнато, а се вади и измислува зелена агенда. А, секогаш кога треба на Али Ахмети и на Ковачевски да поминат тендерите и милионите во РЕК Битола или во Осломеј, Ахмети станува загрижен патриот и збори за Косово.
Али Ахмети не треба да се чуди зошто ДУИ ја обвинуваат за корупција. Освен тоа што треба да си провери во орманот за струја, каде што има на диво приклучен кабел за струја, треба да провери и околу кадрите кои што 20 години се во институциите и се извор на криминал и корупција во државата.
Зелената агенда на ДУИ и темата со етничките права на заедниците се измислени за да ДУИ се покрие во моментите кога од народот се краде најмногу. И колку повеќе ДУИ и СДСМ сложно крадат, толку народот е посиромашен.
Од набавката на мазутот на Крешник Бектеши, до милионски тендери за РЕК на Ковачевски кои државата ја оставија без струја, функционерите на ДУИ и на СДСМ не смеат да бидат феудалци кои се недопрени од законот, кои што се богатат на грбот на сите граѓани на Македонија“, вели Стоилковски.