Обвинителството побара максимална казна за Стојанче Јовановски во завршните зборови од судењето за трагичниот настан во кој животот го загубија Ивана Стојановска и нејзината ќерка Катја, оценувајќи дека станува збор за последица на долгогодишно семејно насилство, а не за изолиран чин.
Обвинителката Адела Бојчевиќ истакна дека психијатриските вештачења покажале оти Ивана во критичниот момент била во состојба на психолошки колапс, со стеснето поле на свест и чувство на безизлезност.
„Не ја оттурнал физички, но со континуиран психолошки притисок ја довел до состојба да не гледа друг излез“, изјави Адела Бојчевиќ.
Според обвинителството, не станува збор за „отсуство на љубов“, туку за „трауматски изобличена перцепција“ создадена од континуирано насилство, при што жртвата дејствувала под силно влијание на страв и зависност.
Обвинителството наведе дека насилството било долгогодишен модел на однесување, поткрепен со медицинска документација, сведочења и аудио-визуелни докази, и побара најстрога казна за делата – наведување на самоубиство, семејно насилство и загрозување на сигурноста.
Во текот на рочиштето, судијата Ивица Стефановски го опомена обвинетиот да не ја прекинува обвинителката, предупредувајќи дека може да биде отстранет од судницата.
Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда за делото наведување на самоубиство, тврдејќи дека не е докажана директна причинско-последична врска меѓу однесувањето на обвинетиот и трагичниот исход.
Адвокатите истакнаа дека нема директни докази за телесни повреди на критичниот ден и дека случајот се темели на посредни сведочења и вештачења, оспорувајќи и постоење на правно релевантна зависна положба кај жртвата.
„Не сум ја поттикнувал, трагедијата не е предизвикана од мене“, изјави Стојанче Јовановски.
Во своето обраќање, обвинетиот ја негираше вината и изрази жалење за загубата
„Никогаш не сум ја охрабрувал на таков чекор. Сè би дал да можам да ги вратам моето дете и мојата сопруга“, изјави Стојанче Јовановски.
Судењето продолжува, а пресудата треба да одговори на клучното прашање – дали постои директна врска меѓу пријавеното насилство и трагичниот исход.