Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска, на денешната собраниска седница во реплика до пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, оцени дека актуелната власт наследила бројни проблеми во областа на културата, кои, како што рече, сега ги решава.
Таа потсети дека за време на владеењето на СДСМ и ДУИ во Министерството за култура биле сменети пет министри и оцени дека во тој период не биле реализирани значајни реформи.
„Во вашето седум, односно осумгодишно владеење ништо не направивте од ова што денес го споменувате, туку оставивте еден куп затекнати проблеми што мораше да се решаваат“, рече Стојкова Серафимовска.
Според неа, претходната власт отворала институции без функционална анализа, наведувајќи го како пример Џез-оркестарот.
„Го отворивте Џез-оркестарот, но не обезбедивте ниту простор за негово функционирање. Таа работа остана на нас. Владата на ВМРО-ДПМНЕ има сериозен пристап кон културата. Културата не е секое лето нов министер, туку бара посветеност и анализа“, истакна таа.
Стојкова Серафимовска ги отфрли и критиките за односот кон УНЕСКО, оценувајќи дека претходната власт немала соодветна комуникација со организацијата.
„За две години успеавме да решиме многу од проблемите што ги оставивте. Ја воспоставивме сериозната комуникација со УНЕСКО и веќе има резултати. Процесот за Универзалната сала беше закочен во ваше време, а колективниот договор беше потпишан без никаква анализа“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа заклучи дека голем дел од состојбите за кои денес критикува опозицијата, според неа, се последица на политиките спроведени за време на претходната власт.