Стручната комисија при Министерството за култура по повторното разгледување на одбиените апликации, утврдила дека направила пропуст во документацијата во случајот со детскиот музички фестивал “Златно Славејче”. Фестивалот ќе добие пари од Годишната програма за финансирање на проекти од културата.
„Човечки е да се згреши, ние згрешивме во одбивањето на пријавата на фестивалот Златно славејче. Фестивалот имал целосна документација и ќе добие пари од Министерството за култура“, рече денес Плеурат Гаши, претседателот на Комисијата за фолклор и музичко-сценска дејност при Министерството.
Од Комисијата додаваат дека досега преразгледале околу 100 апликации.
Засега нема рок по кој стручните комисии треба да одлучат по повторното разгледување на одбиените предмети. Станува збор за над две илјади апликации, од кои најголем дел конкурирале за пари од музичката дејност.
Јавноста, но и засегнатите јавно го искажуваат револтот откако министртвото за култура ги одби најголемите и најреномираните музички и фолклорни фестивали.