Студентската организација „Студентарија“ реагира на зголемувањето на цените на меѓуградскиот автобуски превоз кон Скопје, посочувајќи дека повисоките трошоци претставуваат дополнителен товар за студентите кои секојдневно патуваат од други градови до местото на студирање.
Од „Студентарија“ наведуваат дека од 1 септември билетот во еден правец на релацијата Тетово – Скопје е зголемен од 200 на 250 денари, додека повратниот билет чини 500 денари. На релацијата Куманово – Скопје билетот во еден правец е поскапен од 170 на 200 денари, а повратниот изнесува 400 денари.
Зголемени се и цените на месечните билети. За Тетово – Скопје тие сега изнесуваат 6.500 денари, за Куманово 6.000, а за Гостивар 8.000 денари.
Од организацијата посочуваат дека државната студентска стипендија изнесува 6.050 денари, а бесплатниот превоз преку ЈСП Скопје важи за редовни студенти на прв циклус на државните факултети во Скопје. Според нив, тоа создава разлика меѓу студентите во зависност од местото на живеење.
„Студентот кој живее во Скопје патува бесплатно. Студентот кој живее во Тетово плаќа 6.500 денари месечно за исто предавање, кај ист професор, на ист факултет“, наведуваат од „Студентарија“.
Како можност за поевтин превоз ја посочуваат железницата. Според ценовникот на ЖРСМ Транспорт, младите до 26 години имаат попуст од 30 отсто на патничките возови. Повратниот билет за Тетово – Скопје, според нивните податоци, би чинел 192 денари, додека за Куманово – Скопје 140 денари.
Проблемот, како што наведуваат, е во ограничениот железнички сообраќај. Според возниот ред што важи до 12 декември 2026 година, меѓу Скопје и Куманово сообраќаат по два воза дневно во секој правец, но во недела нема возови. На релацијата Скопје – Тетово, пак, воопшто нема предвидени патнички возови.
„Пругата постои, станицата постои, цената е впишана во ценовникот, но воз нема“, велат од „Студентарија“.
Од организацијата потсетуваат и на финансиската поддршка за студентите кои живеат надвор од местото на студирање, која била воведена во академската 2023/2024 година. Тогаш мерката ја користеле околу 15.000 студенти, но во следната академска година не била продолжена.
„Студентарија“ предлага зголемување на фреквенцијата на возовите меѓу Скопје и Куманово, повторно воспоставување железнички сообраќај на релацијата Скопје – Тетово – Гостивар – Кичево, воведување студентски железнички билети и разгледување можност за продолжување на планираниот скопски градски воз до Тетово и Куманово.
Меѓу предлозите е и повторно воведување финансиска поддршка за студентите кои патуваат надвор од местото на студирање, усогласена со актуелните цени, или воспоставување трајно субвенциониран меѓуградски превоз за студентите.
Од „Студентарија“ бараат и исполнување на мерката од Националната стратегија за млади 2023-2027, која предвидува намалување на цените на меѓуградскиот превоз за средношколци и студенти и зголемување на редовноста на линиите.
„Пристапот до високо образование не завршува со можноста студентот да се запише на факултет. За илјадници студенти, до факултет треба и да се стигне“, порачуваат од организацијата.