Актуелниот помошник-директор на Петтата управа во МВР, Сашо Трајковски, денеска сведочи на рочиштето за случајот „Таргет-Тврдина“, за масовното нелегално прислушување.
Трајковски, кој за време на аферата во МВР работел како главен инженер во УБК, откри дека со неговите колеги гледале како ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот началник на петтата управа во УБК, Горан Грујевски од нивните компјутери се логирале на системот за следење на комуникациите.
До системот за прислушување во УБК, „Најс“, можело да се пристспува од неколку локации надвор од кругот на МВР, раскажа инженерот Сашо Трајковски. Тој рече дека за стариот систем „Веринт“ може да тврди дека пристап надвор од МВР немало, освен еднаш во 2007 година кога се пристапило за време на конференција на НАТО во Охрид.
– За „Најс“ системот знам дека имаше посебно одделение во некогашниот Аеро клуб спроти гимназијата Јосип Броз Тито во Центар каде по насоки на началникот Горан Грујевски беа инсталирани работни станици. Тоа е единствен случај за кој знам дека се пристспувсло надвор од кругот на Министерството. Дури во текот на 2016 година кога бев префрлен со канцеларија кај аеродромот во Петровец разбрав од колега дека имало стан кај железничка станица од каде се пристапувало и наводно кога колеги од МВР кои доаѓале таму го зафаќале паркингот па станарите се бунеле – раскажа Трајковски.
Откако „пукна“ аферата за масовното прислушкување во 2015 – та, началникот на Петтата управа во УБК од тоа време, Горан Грујевски им кажал на подредените дека опремата за следење, заедно со документите треба да се уништи и тоа во два наврати.