Граѓанската иницијатива „На точак“ објави детали за сообраќајката во петокот, кога автомобил удри во велосипедистка.
„Ни пишаа приватна порака сведоци на сообраќајниот удар од петокот, на Илинденска, во кој автомобил удри велосипедистка.
Според очевидци возачот со автомобилот излегувал од паркингот, возел во забранета насока на ул. Наум Наумовски Борче и кога сакал да се приклучи на Илинденска удрил во велосипедистката, која возела по велосипедско-пешачката патека на Илинденска.
Од ударот велосипедистката паднала и се жалела на повреда на ногата, по што дошло амбулантно возило да ја провери нејзината здравствена состојба. Бидејќи немала посериозни повреди не била однесена со амбулантното возило до клиника. Полиција дошла за да направи записник и да земе изјави од очевидци. Се надеваме дека велосипедистката е добро и ги охрабруваме сите кои учествуваат во сообраќајни судири да пријавуваат во полиција.
Само така ќе знаеме колку од нас сме жртви во сообраќајот и ќе може полицијата и општинските власти да ги подобруваат условите за нашето движење.
Бараме Министерство за внатрешни работи да истражи повеќе за причините кои довеле до судирот, да води детална евиденција за настанот. Бараме Општина Центар да види како може да ги подобри условите за да не можат возачите на автомобили да се приклучат од паркингот на Илинденска, притоа возејќи во забранета насока. Бараме Град Скопје да види дали има можност да се зголеми видливоста на велосипедистите кои се движат по Илинденска, да ги тргне слободните зелени светла за вртење десно, да ги намали растојанијата потребни да се преминат пешачките премини, да го намали радиусот на вртење на колите и да го зголеми времетраењето на зеленото светло за пешаци.
Пред се се надеваме дека сите овие институции ќе согледаат дека поради нивна неажурност луѓе ги губат животите или остануваат со трајни последици предизвикани од небезбедност во сообраќајот.
А сите ве повикуваме на протест за да се крене вниманието за сите жртви во сообраќајот и да се стави крај на сообраќајното насилство“, велат од иницијативата „На точак“.