Скопјанецот Мартин Тасевски на социјалните мрежи ја споделува својата потресна приказна за корупцијата која вели ја видел во ходникот на болницата. Во објавата не се наведува за која кардиологија станува збор ниту се спомнуваат имиња на докторите.
„Денес бев на кардиологија, па корупцијата не ја видов во некоја далечна канцеларија, туку пред мене во ходникот на болницата.
Мајка ми со деменција, во тешка состојба, доживеа тежок инфаркт, инфаркт, со стент на кардиологија во многу тешка состојба. Јас и татко ми, очајни, само сакавме да ја видиме и да дознаеме нешто повеќе за состојбата на сопругата и мајката.
Наместо збор, добивме студен ѕид. Арогантен одговор од доктор кој мисли дека е Богот Один, кој ни одговори на едно прашање само со „ДА и НЕ“ со свртен грб... Во одење, се разбира, нели, Один е во прашање.
И додека се надвикувам со Один, кој исчезнува во далечините, пред нас влегува цело семејство. (чопор)
Добро си викам, ништо повеќе и не очекував. Ние чекаме. Татко ми, културно, тивко. Понизно... (Прв пат го гледам таков, лицето никогаш не сум му го видел такво)
Потоа ми приоѓа жена и ми шепнува: (Патем, ме гледа како р'жам и го губам трпението)
„Во Жан Митрев однесете ја, фондот покрива. Ние сме презадоволни. Фала многу, си рековме пријатно, пријатно“
И веднаш потоа, ја гледам како се јавува на телефон:
„Здраво, тука комшиката од горе, пријателката ми е тука на кардиологија па сакав да прашам…“ (си бара врски)
И тука сфаќаш...
Ова не е само здравство. Ова е систем на „комшии од горе“, „некој што познава некого“, „јави се, среди, протуркај“
(пошто ако оставиш на претпоставки од слепо црево ќе ти отиде човек)
Ова е држава во која информацијата, вниманието и човечноста на Докторов или Богов Один, понекогаш не се право, туку привилегија...
И потоа, се чудиме зошто луѓето се бесни. Зошто се расправаат. Зошто се случуваат инциденти. Не затоа што некој е роден лош, туку затоа што понижувањето со години се таложи во секој ходник, на секој шалтер, пред секоја врата што се отвора „за некој друг“.
И на крај, најтешката мисла:
Ние сакаме да покажуваме со прст кон „корупцијата“, а ретко се прашуваме колку пати и самите сме рекле:
„Ајде, јави се кај некого.“
„Знаеш ли некој внатре?“
„Ќе се среди.“
Можеби најголемата клетва што ја носиме не е од историјата, ни од империите, ни од Османлиите, туку од навиката да прифатиме дека редот мора да важи за сите еднакво.
А, додека тоа го прифаќаме, секој од нас, ја одржува истата корупција што ја пцуе и вели: ,,ама на запад го нема ова.“, стои во објавата.