Рано утрово избувнаа вооружени судири меѓу Тајланд и Камбоџа, соопштија армиите на двете земји, тврдејќи дека првите истрели биле испукани од другата страна.
Тајландската војска во соопштението соопшти дека вооружените сили од соседна Камбоџа отвориле оган врз спорната погранична област во близина на храмот Та Моан Том, на околу 360 километри од главниот град Бангкок.
Најмалку осум лица загинаа, соопшти тајландската полиција. Ракетата погодила продавница во Бан Нам Јен, на околу 20 километри од границата со Камбоџа, потврдил началникот на округот Кантаралак во покраината Сисакет за тајландската јавна телевизија PBS.
Според Си-Ен-Ен, Тајланд ги обвини камбоџанските сили за испукање на две ракети БМ-21 во цивилна зона во округот Кап Чоенг, покраината Сурин, при што беа повредени тројца цивили.
Тајландското Министерство за надворешни работи соопшти дека камбоџанските напади врз цивилните области продолжуваат цел ден, вклучувајќи го и нападот врз болницата Фаном Донг Рак.
„Овие акти предизвикаа дополнителни загуби на животи и повреди кај тајландските граѓани“, изјави портпаролот на министерството на прес-конференција.
Камбоџа претходно соопшти дека тајландски борбен авион Ф-16 фрлил две бомби на патот. Засега нема информации за жртвите на камбоџанска страна.
Војската на Тајланд е побројна од соседна Камбоџа и во однос на персоналот и во опремата, објави Си-Ен-Ен.
Тајланд има 361.000 активни војници распоредени во сите гранки на војската, три пати повеќе од големината на камбоџанската војска. Тајланд е исто така далеку пред Камбоџа во однос на воената опрема.
„Тајланд има голема, добро финансирана војска, а нејзините воздухопловни сили се едни од најдобро опремените и обучените во Југоисточна Азија“, се вели во извештајот „Воена рамнотежа 2025“ на Меѓународниот институт за стратешки студии.

Камбоџа нема борбено способни воздухопловни сили.
Според Си-Ен-Ен, САД го класифицираат Тајланд како главен сојузник надвор од НАТО, што му обезбедува децении американска поддршка за воени програми. Во исто време, Тајланд ги зајакна врските со Кина во последниве години и разви силна домашна воена индустрија со помош на земји како Израел, Италија, Русија, Јужна Кореја и Шведска, се вели во извештајот.
Според податоците на IISS, опремата на воздухопловните сили вклучува најмалку 11 модерни шведски ловци „Грипен“ и десетици постари американски ловци Ф-16 и Ф-5. Камбоџа нема борбено способни воздухопловни сили.
На копното, Тајланд има неколку стотици тенкови, вклучувајќи 60 модерни кинески тенкови VT-4 и стотици постари американски тенкови. Камбоџа има приближно 200 стари кинески и советски тенкови, според „Милитар баланс“.
Супериорност во артилеријата
Тајландската армија има повеќе од 600 артилериски парчиња, вклучувајќи најмалку 56 моќни топови од 155 мм и повеќе од 550 влечени топови од 105 мм. Камбоџа има само дванаесет топови од 155 мм и околу 400 помали влечени топови.
Во воздух, тајландската војска има американски офанзивни хеликоптери „Кобра“ и 18 транспортни хеликоптери „Блек Хок“. Камбоџа има само неколку десетици постари советски и кинески транспортни хеликоптери.
Тајландските вооружени сили редовно учествуваат во меѓународни воени вежби, најпозната е годишната вежба „Кобра Голд“, која Бангкок ја организира заеднички со Индо-пацифичката команда на САД.
Вежбата „Кобра Голд“ беше лансирана во 1982 година како заедничка вежба со Американците, а оттогаш им се придружија многу други учесници. Според американската војска, тоа е најдолготрајната меѓународна воена вежба во светот, заклучува Си-Ен-Ен.
фото: ФБ/Тајландска војска