Македонија денеска повторно е зафатена од многу топло време, со температури кои ќе достигнуваат до 42°C. Управата за хидрометеоролошки работи информира дека времето ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност, а попладне постои можност за појава на краткотрајна нестабилност.
„Сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од југозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 33 до 42 степени“, се наведува во соопштението на УХМР.
Во Скопје, исто така, се очекува екстремна жештина. Според најавата, времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а температурата ќе достигне до 42°C.
„Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен југозападен ветер. Максималната температура ќе достигне до 42 степени“, информираат од УХМР.
Иако најголемиот дел од земјата остана сув, УХМР соопшти дека во последните 24 часа, воден талог, односно количина на паднат дожд е измерен само на Попова Шапка, каде наврнале 19 литри на метар квадратен.
„Дадените вредности за количината на врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената“, се додава во соопштението.
УХМР апелира на внимателност поради екстремните температури, особено во најтоплиот дел од денот, како и зголемен ризик од пожари.