Американскиот претседател Доналд Трамп се налути на Си Џинпинг, обвинувајќи го за заговор против САД заедно со рускиот лидер Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
„Пренесете ги моите најтопли поздрави на Владимир Путин и Ким Џонг-ун додека заговорнички делувате против Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп на својата мрежа „Трут соушал“.
Изјавата на Трамп доаѓа во момент кога Си Џинпинг, пред 26 светски лидери, вклучувајќи ги Путин и Ким, зборуваше за „незапирливата“ Кина, која „никогаш нема да дозволи да биде заплашена од насилници“.
На парадата беа прикажани новата генерација оружја, вклучувајќи нуклеарни проектили, ласерски системи и поморски дронови.
Кина се обидува да се позиционира како можна противтежа на САД откако царините на Трамп го потресоа глобалниот економски и политички поредок.
Иако некои набљудувачи присуството на Путин и Ким го толкуваат како порака до Западот кој ги изолираше, Трамп изјави дека не гледа на парадата како предизвик за САД.
Истовремено, Трамп рече дека е „многу разочаран“ од Путин, бидејќи не успеале да постигнат мировен договор за Украина за време на нивната средба во Алјаска минатиот месец. - Ќе преземеме нешто за да им помогнеме на луѓето да живеат во Украина, најави тој, без детали.
Кина, иако не ја осуди руската инвазија, е обвинувана од Западот дека ѝ помага на Москва преку набавка на нафта и испорака на материјали со двојна намена. Пекинг ги отфрла овие обвинувања.