Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочува со растечки притисок откако американскиот претседател Доналд Трамп го објави и потпиша договорот со Иран, кој во Израел предизвика сериозни резерви и критики. Според израелски претставници, договорот се смета за стратешки и политички неповолен за државата, особено по ветувањата на Нетанјаху за „целосна победа“ над Иран.
Според извештајот на „Аксиос“, Нетанјаху останал меѓународно изолиран во ставот дека конфликтот со Иран требало да продолжи. Дури и традиционални регионални партнери, како Обединетите Арапски Емирати, го поддржале договорот и поширокиот регионален консензус за прекин на судирите.
Во САД, сојузниците на Нетанјаху во Републиканската партија внимателно се однесуваат кон договорот, бидејќи тој носи потпис на Трамп. За разлика од 2015 година, кога израелскиот лидер отворено се спротивстави на нуклеарниот договор на тогашниот претседател Барак Обама, сега избегнува јавна конфронтација со американскиот претседател.
Иако официјални осуди речиси и да нема, израелски претставници на затворени брифинзи изразуваат сериозна загриженост за последиците од договорот. Во меѓувреме, дел од медиумите блиски до Нетанјаху почнаа отворено да го критикуваат Трамп и неговите соработници.
На самитот на Г7, Трамп му се заблагодари на Нетанјаху за соработката за време на конфликтот со Иран, но истовремено упати и критики на негова сметка. Американскиот претседател изјави дека Израел е „многу мал партнер“ во однос на САД и дека Нетанјаху понекогаш реагира премногу емотивно.
Дополнителни несогласувања постојат и околу Либан. Во меморандумот за разбирање се наведува дека прекинот на огнот ги опфаќа и судирите меѓу Израел и Хезболах, како и можноста за повлекување на израелските сили од јужен Либан во рамките на конечен договор. Израелските власти, сепак, порачаа дека нема да се повлечат сè додека Хезболах не биде разоружан.
Белата куќа нагласува дека договорот не претставува едностран прекин на огнот и дека Израел ќе има право да одговори во случај на нови напади. Воедно, Вашингтон очекува следните 60 дена да бидат искористени за дополнителни разговори и политичко решение за состојбата во Либан.
Последните изјави на Трамп, во кои ја критикуваше израелската тактика во Либан и употребата на сила во густо населени подрачја, дополнително ги продлабочија разликите меѓу двајцата лидери, отворајќи прашања за идниот тек на американско-израелските односи.