Американскиот претседател Доналд Трамп, за време на самитот на Алјаска, лично му предал писмо од сопругата Меланија Трамп на рускиот претседател Владимир Путин, соопштија за агенцијата Ројтерс високи функционери од Белата куќа.
Првата дама, која е родена во Словенија, не патуваше со Трамп во Алјаска, но во писмото, според изворите, таа го отвора прашањето за судбината на децата погодени од војната – особено за оние кои биле киднапирани и однесени во Русија или на територии под руска окупација.
Според податоците на Киев, од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, најмалку 19.500 украински деца се депортирани или насилно оддалечени од своите домови. Украинските власти инсистираат дека никаков мировен договор не смее да се потпише без гаранции за нивно враќање.
Прашањето е крајно чувствително и на меѓународна сцена: во 2023 година Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење за Путин и неговата комесарка за права на деца, Марија Лвова-Белова, токму поради незаконската депортација на украински деца – дело што Киев го смета за воен злостор и чин на геноцид.