Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека американските функционери утврдиле оти Украина не ја целела резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во нападот со дрон минатата недела.
Трамп рече дека „нешто се случило во близина“ на резиденцијата на Путин, но дека американските функционери не утврдиле дека таа била целта.
„Не верувам дека тој напад се случил. Не веруваме дека тоа се случило, откако сега имавме можност да провериме“, изјави Трамп синоќа за новинарите во авион за време на летот кон Вашингтон.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров минатата недела изјави дека Украина лансирала низа дронови кон државната резиденција на Путин во Новгородскиот регион, на северозападот од земјата, но дека руските одбранбени системи успеале да ги неутрализираат.
Лавров исто така го критикуваше Киев што го покренал нападот во моменти на интензивни преговори за завршување на војната.
Ден претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски на Флорида разговарал со Трамп за мировниот план од 20 точки на американската администрација.
Зеленски веднаш ги демантираше тврдењата на Кремљ.
Европски функционери претходно оценија дека тврдењето за напад на резиденцијата на Путин е само обид на Москва да ги саботира мировните напори.
Американскиот весник „Волстрит журнал“ објави кон самиот крај на минатата година, повикувајќи се на неименуван американски функционер, дека Централната разузнавачка агенција (ЦИА) утврдила дека немало обид за напад врз Путин.