Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот лидер Володимир Зеленски можат да постигнат договор за мир, додавајќи дека утрешниот негов состанок со Путин во Алјаска е „голем и важен“ и би можел да спаси многу животи.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е подготвен да му понуди на Путин пристап до ретки минерали во замена за прекин на војната, Трамп рече дека утрешната средба е само прв чекор, а уште поважен би бил потенцијалниот втор состанок на кој би присуствувале и Путин, Зеленски, тој самиот и, можеби, европски лидери.
„Ќе видиме дали можат да се договорат“, изјави Трамп, нагласувајќи дека состаноците не треба да се гледаат како „награда“ за агресорите. Тој повторно истакна дека војната никогаш немаше да започне доколку тој останеше на функцијата во 2020 година.
Трамп посочи дека неговата цел во Алјаска е да постави темели за можен директен дијалог меѓу Путин и Зеленски. По изјавите, делот со прашања и одговори беше прекинат, а новинарите беа замолени да го напуштат Овалниот кабинет.