Македонските кикбоксери продолжуваат со одлични настапи на Светското првенство во Лидо ди Јесоло, Италија, каде што натпреварувачкиот ден донесе неколку нови победи и обезбедени медали, но и незадоволство од македонскиот табор поради судиска одлука.
Петар Лозановски со победата обезбеди најмалку бронзен медал, додека истото достигнување го оствари и Глигор Николов. Уште еден медал за македонската репрезентација обезбеди Калин Бабоски. Победнички настап имаше и Драгица Глигорова.

Светската шампионка Марија Димовска, по паузата поради оперативен зафат, се врати на натпреварувањата, но денеска го заврши настапот во квалификациите. Според Дејан Митровски – Урко, претседател на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Димовска во борбата добила и минус-поен.
Без победа останаа Сергеј Ушлинковски и Марко Баснарков. Борбата на Баснарков била прекината откако тој се повредил во пределот на коленото. Според Митровски, противникот при падот паднал врз македонскиот натпреварувач, по што Баснарков не можел да продолжи и бил испратен на дополнителни снимања.

Најмногу реакции од македонскиот тим предизвикала борбата на Антонија Тасева против претставничката на Канада. Митровски тврди дека канадската натпреварувачка немала соодветна опрема со потребната ознака.
Според него, правилата предвидуваат рок од две минути за комплетирање на опремата, по што требало да следува дисквалификација. Тој вели дека наместо тоа поминале четири минути, а канадската натпреварувачка сепак добила дозвола да продолжи.

„Протестиравме и приговаравме до повисоките органи на организацијата, но безуспешно, иако ни признаа дека станува збор за судиска грешка“, изјави Митровски.
Тој потсети дека македонски натпреварувачи на претходни првенства во два случаи биле дисквалификувани поради проблеми со опремата и пречекорување на дозволеното време.
„Нашата борба не е само во рингот. Се бориме и со финансиите за да стигнеме до првенствата, со односот на институциите, а понекогаш и со судиските одлуки на самите натпреварувања“, вели Митровски.