Македонската кик-бокс репрезентација со три победи и три порази го заврши првиот натпреварувачки ден на Светското првенство во Лидо ди Језоло, Италија.
Милан Нешевски имаше одличен настап и до победата стигна уште во првата рунда, откако борбата беше прекината.
Успешен настап имаше и Глигор Николов, кој прикажа сигурна борба и славеше со убедливи 3:0. Победа за македонскиот тим забележа и Марко Баснарков, кој со сигурен настап го совлада својот противник и го продолжи настапот на шампионатот.
Од друга страна, Димитар Јачев и Драган Пандев ги загубија своите борби на татами, додека Давид Атанасовски беше поразен во ринг.
Така, Македонија го заврши првиот ден со три победи во шест настапи, а младите македонски кик-боксери стекнаа драгоцено искуство на големата светска сцена во своите возрасни категории.
Претседателот на федерацијата, Дејан Митровски – Урко, по завршувањето на денешната програма изрази задоволство од настапите.
„Задоволен сум од денешните борби и успехот. Сепак, ова се млади борци и потребно им е искуство“, изјави Митровски.
Македонската репрезентација продолжува со настапите на Светското првенство, каде во следните денови нови борби ги очекуваат и останатите македонски претставници.