Искусен политичар, уште поискусен воздухопловец, Томислав Тунтев, по само два месеца на челната позиција на регулаторното тело, вели дека ќе направи пријателска атмосфера на соработка меѓу Агенцијата за цивилно воздухопловство и институциите што ги контролира. И најавува дека е време за купување на нов државен авион затоа што времето на „лирџетот“ што го имаме му е „истечено“ , барем за ВИП-летови, објави независен.мк.
Независен: Што се случува со владината авиослужба, немаше доволно екипаж? Кога сте ја контролирале последен пат?
Тунтев: Ние ги контролираме и воздухопловот и екипажот. Во овој момент се ангажирани двајца нови пилоти, кои се во фаза на добивање дозвола за конкретниот тип авион, сега се вкупно 6.
Наше мислење или препорака е сериозно да се размислува за набавка на нов авион. Актуелниот државен авион е со стара технологија, земен многу одамна, не е земен нов, туку репариран. Технологијата што ја има дозволува слетување само на аеродроми од прва категорија, а денешните аеродроми нудат можност и за слетување во полоши услови. Затоа во случаи на магла или неповолни метеоуслови, авионот оди на околните аеродроми. Од безбедносен аспект ќе биде многу подобро. Не може авион со 7 седишта да биде авион на Влада. Треба да има минимум 15 седишта.