Туристички брод со 42 патници се судрил со едрилица во близина на грчкиот остров Скијатос, при што неколку патници се здобиле со полесни повреди, објавија локалните медиуми.
Бродот пловел од пристаништето на Скијатос кон островчето Цунгрија кога во текот на пловидбата со предниот лев дел се судрил со едрилицата. Од ударот на вториот пловен објект настанала пукнатина во предниот дел.
По несреќата, 42-та патници се симнале на островчето Цунгрија, додека туристичкиот брод се вратил во пристаништето на Скијатос, каде што безбедно бил закотвен.
Капетанот на бродот бил накратко приведен, а пловниот објект ќе остане во пристаништето сè додека надлежната класификациска организација не издаде потврда за неговата исправност и пловидбена способност.
Според досегашните информации, при судирот не е забележано загадување на морето.