Кривичниот суд во Скопје го прифати предлогот на Обвинителството и одреди мерка притвор од 30 дена за 36-годишниот Димитар Спасов, осомничен за бруталното убиство во Психијатриската болница „Скопје“ – Бардовци.
„Прифатен е предлогот на ОЈО за определување мерка притвор од 30 дена и е спроведен во КПУ Затвор Скопје, во посебно одделение, изолиран од останатите притвореници“, потврдија од судот за „Скопје1“.
Обвинителството отвори постапка за кривично дело – убиство по член 123 став 1 од Кривичниот законик, откако Спасов со стаклено шише смртно го повреди својот цимер, пациент со иницијали И.Т., по наводна кавга за легло. Телото на жртвата е предадено на обдукција.
Спасов, кој во 2012 година беше прогласен за непресметлив по убиството на својата мајка, подолго време бил забележуван како слободно се движи низ Ѓорче Петров и седи по кафеани, иако формално бил на задолжително лекување во психијатриската болница каде ја издржувал казната. Полицискиот надзор му бил повлечен по одлука на правосудни органи, а од болницата излегувал и се враќал без контрола.
„Скопје1“ објави дека осомничениот имал активни профили на социјалните мрежи, каде споделувал насилни снимки и повикувал на тепачки. Според сведоци, во болницата кон вработените и пациентите упатувал закани, малтретирал, а во објектот имало и алкохол.
Случајот предизвика бурни реакции во јавноста и ја отвори дебатата за безбедноста, надзорот и третманот на опасни пациенти во психијатриските установи, како и за одговорноста на институциите кои дозволиле лице со вакво досие повторно да убие.
(Видео) Кој е убиецот од болницата во Бардовци: Слободно шетал, пиел по кафеани, снимал насилство
Убиецот Димитар Спасов, кој пред 13 години ја уби мајка му, сега усмрти осуденик со кој престојувал во психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци. За морбидниот чин искористил стаклено шише, а до инцидентот, според информации на „Скопје1“ дошло по кавга за легло. Во кругот на болницата, убиецот е познат како проблематичен пациент, со кој тешко се справувале и вработените.Но и покрај ова, подолго време, Спасов бил гледан и низ Ѓорче Петров, што укажува дека тој слободно и без надзор ја напуштал установата. Иако бил чуван од полиција, истата била повлечена од правосудните органи, па тој слободно излегувал и се враќал во болницата. Низ скопските улици бил забележан со уште еден хоспитализиран пациент во Бардовци, кој исто така извршил убиство на член на неговото семејство.За насилното однесување, сведочат и снимките кои сам ги споделувал, каде повикува друго лице на физичка пресметка, за да му покажел, како што вели, како тој мава боксови.Друга снимка пак сведочи како на друг цимер му дава насоки да претепа хоспитализиран пациент. Се слуша „не го тепај, отепај го, по славина, по ребра, во глава“.Во установата пак, слободно консумирале и алкохол, што значи дека не им бил забранет. Според извори на „Скопје1“, имало и поплаки од него и неговото однесување. Вработени се жалеле дека добивале закани по нив, но и по нивните семејства, дека ќе им наштети доколку не му ги исполнат желбите.Дека функционирал слободно, сведочат и неговите профили на социјалните мрежи. Дури, седел и по кафеани, со ракија и салата пред него. Нема еден, туку два профили на „Фејсбук“.Овие објави и негови дејствија го отвораат прашањето за тоа дали неговиот третман требало и треба да продолжи во психијатриската болница, но и дали околината е безбедна доколку тој по првото убиство шета слободно, споделува насилни содржини, има пристап до социјални мрежи, а од неговото однесување има поплаки.За потсетување, Спасов ја уби сопствената мајка на 23 годишна возраст, која работела како хигиеничка. По убиството се огласи на „Фејсбук“ каде напиша „Фала ви на сите, г...а, еве ви ја, ја заклав, ја угушив“.Во психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци, Спасов е сместен уште од 2012 година. Првата одлука за ваков третман ја донесе велешкиот суд, откако психијатри од Клиничкиот центар во Скопје го прогласија за непресметлив. Според вештите лица, Спасов во моментот на убиството на мајка му, бил во параноична халуцинирачка состојба.По убиството на пациентот, тој и натаму е во болницата, затворен во собата каде го изврши злочинот. Жртвата на Спасов, е лице со иницијали И.Т., чие тело е предадено на обдукција.
Скопје | пред 4 месеци