Учениците од септември ќе се вратат во училишните клупи, а работна група составена од претставници на Министерството за образование и наука (МОН) и епидемиолози, претставници на Комисијата за заразни болести работат на протоколите кои треба да бидат готови за две недели, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
- Скоро се готови протоколите за работа на училиштата од септември. Има уште некои технички детали кои ги работат во работната група во која членуваат претставници на МОН и наши епидемилози, претставници од Комисијата за заразни болести. Се планира децата да бидат присутни 100 проценти во училиштата. Протоколите опфаќаат мерки за дезинфекција, мерки на внимателност при влез и излез, нема да има мешање на различни класови. За неполни две недели целосно ќе бидат готови протоколите, а веднаш кога ќе започне имунизацијата со големата бројка вакцини кои доаѓаат викендов, продолжуваме со вакцинација на наставничките и наставниците. Од вкупно 30 илјади наставници, околу 10 илјади веќе се вакцинирани, тоа се оние наставнички кои работеа со физичко присуство, изјави Филипче.
Во учебната 2020/2021 година поради пандемијата со ковид-19 само учениците од прво до трето одделние посетуваа настава со физичко присуство, а останатите онлајн.