Судиите и јавните обвинители не се откажуваат од желбата за поголеми плати.
Овој пат ќе се обидат тоа да го сторат преку Уставниот суд на денешната седница.
Тврдат дека станува збор и за мешање во нивната независност.
Во 2023 година, по зголемувањето за 78 проценти на платите на сите фунционери и по жестоките реакции во јавноста, на сите избрани и именувани лица, меѓу нив и на судиите и обвинителите им беа намалени коефициентите за пресметување на плата во просек за 0,5 поени.
Единствено се побунија судиите и обвинителите кои стојат на ставот дека нивните примања не смеат да се намалуваат.
Владата и премиерот Мицкоски се децидни дека ќе нема зголемување на нивните плати поради лошите оценки и малата доверба во правосудството, но и високите плати кои ги имаат.
Бидејќи судиите и обвинителите знаат дека законски не можат да интервенираат, преку Уставниот суд по втор пат се обидуваат да го вратат барем повисокиот коефициент за личен доход. Со ова би добиле дополнителни 250 евра месечно.