Апелацискиот суд во Штип ја укина пресудата со која штипјанецот Стојанче Зарков беше осуден на доживотен затвор за убиството на својата мајка и предметот го врати на повторно судење во Основниот суд во Штип.
Од Апелација информираат дека Зарков, кој веќе започнал со издржување на казната, по донесената одлука повторно ќе биде вратен во притворскиот оддел до завршување на новата постапка.
Доживотната казна му беше изречена во февруари годинава за убиството на неговата 84-годишна мајка, Марија Заркова, извршено на 8 август минатата година во семејниот дом во Штип. Според пресудата, тој ја усмртил со нож во раните утрински часови, по што самиот се јавил на бројот за итни повици.
При изрекувањето на првостепената пресуда, судијата Сашко Георгиев оцени дека станува збор за едно од најтешките кривични дела – убиство, нагласувајќи дека заштитата на човечкиот живот има апсолутен карактер.
Според податоците од судската архива, Зарков и претходно бил суден во три наврати за дела поврзани со семејно насилство.
Со одлуката на Апелацискиот суд, целиот предмет повторно ќе биде разгледуван пред Основниот суд во Штип, кој ќе треба да донесе нова пресуда.