УНЕСКО денес го затвора извештајот за Охрид од кој ќе зависи и тоа дали ќе го задржи престижниот статус на светско културно наследство.
Информациите кои беа соопштени на Собраниската комисија за култура пред еден месец во Скопје, не влеваат оптимизам по однос на ова прашање.
– Од неформалните комуникации што ги имам со некои луѓе од УНЕСКО, можам да кажам дека се движиме по работ. Се` уште не е ништо изгубено, но ни претстои период од еден месец за да доставиме дополнителна документација до Центарот за светско наследство, односно да покажеме волја и реален ангажман, што можеби би значело и подобрување на нашата слика. Важно е да се води волјата и се` понатака ќе зависи и од тоа што ќе се случува во Баку, истакна Билјана Прентоска, генерален секретар на националната комисија за УНЕСКО.

Комисијата ги разгледуваше извештаите на надлежни институции за состојбата со природното и културното наследство во охридскиот регион.
Во јуни и јули во Баку, главниот град на Азербејџан, ќе заседава Комитетот за светско наследство при УНЕСКО за, меѓу другото, да реши дали Охрид ќе го стави на листата на културно и природно наследство во опасност. Од владата се оптимисти дека Охрид нема да го загуби досегашниот статус, но експерти и граѓански активисти не се сигурни во тоа. Голем проблем овој период лоши вести кои влијаат на статусот се постојано палење и горење трска најверојатно заради нечии бизнис-интереси.

Во јуни минатата година во Охрид се одржа министерска средба – „Спроведување на акции/мерки според одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО“, на која беше јасно потенцирано дека последниве години УНЕСКО бележи пораст на бројот на фактори кои негативно влијаат на заштитените подрачја.
Постојат проблеми, но не се нерешливи, потенцира Синиша Шешум, шеф на канцеларијата при Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа.
-Притисокот во охридскиот регион не е само од туризмот, туку и од развојот, па круцијално е да се најде баланс со кој ќе се заштитат вредностите поради кој е запишан на листата на УНЕСКО, потенцира Шешум минатата година.
Прекумерната изградба на стамбени и угостителски објекти, често и во заштитени зони, палењето на трската, Студенчишкото блато, плановите за НП „Галичица“ се само мал дел од „сидрата“ кои го влечат Охрид надолу, кон губење на престижниот статус на светско културно наследство.
извор: Алсат М 360 степени/ОхридПрес