Ако охридскиот регион се прогласи за светско наследство во опасност, тој статус може да се надмине за неколку години или за неколку децении, покажуваат искуствата од локалитетите што ги надминале ризиците и биле вратени на незагрозената листа на УНЕСКО.
Конференцијата на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО е во тек веќе четири дена, а од македонската делегација составена од владините претставници Едмонд Адеми и Андреј Жерновски и од градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, очекуваат дека одлуката за охридскиот регион ќе се донесе утре, објави prizma.mk.
Прогласувањето на регионот за светско наследство во опасност не значи дека тој целосно ќе го загуби статусот на подрачје на УНЕСКО.
Минатата година, владата ги запре проектите на претходната влада за ски-центар и за експресен пат до Пештани, но од задачите што требаше да се сработат досега не исполни ниту една. Напротив, продолжи деградацијата со зголемен број дивоградби, палење трска, несправување со контроверзни објекти, како хотелот во Лагадин и дивоградбата кај Чинарот итн.
Поради сето тоа, две години откако УНЕСКО ги објави забелешките, го стави на дневен ред и предлогот за охридскиот регион да се прогласи за светско наследство во опасност.