Скопје во послeдната деценија е место каде градежната експанзија зема замав и ги полни буџетите и на инвеститорите и на општините. За да се овозможи ова, локалните власти носат промени во Деталните урбанистички планови. Но, наместо баланс меѓу урбанизацијата и хуманото живеење, во плановите најчесто натежнува профитот на поединци. Општина Ѓорче Петров е следна на мапата на урбанистичките агресори, објави irl.mk.
Во својата предизборна програма сегашниот градоначалник Александар Наумовски, ветуваше дека ќе стави крај на урбаната мафија и ќе го спречи урбанистичкиот хаос .
“Главна цел ќе биде да ставиме крај на урбаната мафија и забрана на изградба на објекти за колективно домување меѓу објекти за индивидуално домување со цел да се зачува квалитетот на живот” велеше Наумовски пред локалните избори во 2017 година.
Но, едно пишува во предизборната програма, друго се исцртува на теренот. Во последните месеци во Ѓорче Петров граѓаните организираат протести против бетонизацијата и градење стотици згради и висококатници предвидени со деталните урбанистички планови.
Дејан Лазиќ е староседелец во скопската населба Хром. Во неговата семејна куќа на улицата Воин Драшкоци повеќе од пет децении живееле три генерации. Мирното маало населено претежно со куќи денес се соочува со градежна офанзива и изградба на неколку станбени згради.
Со новиот ДУП за Хром директно е загрозена куќата на Дејан Лазиќ. Во куќата живеат две семејства, имаат различни влезови, но заеднички темели и потпорни ѕидови. Парцелата на која се наоѓа куќата е поделена на два еднакви дела. Тоа значи дека на двете парцели може да се добијат засебни маркици за градба. Соседот се согласил и на неговата половина ќе се издигне зграда од пет ката. Лазиќ сака на неговиот дел да остане куќата во која што сега живее. Ако се реализира планот, уривањето на половина куќа, семејството Лазиќ ќе остане да живее во небезбеден дом.
Тој пред девет месеци почнал институционална битка. До Советот на општината поднел барање за повторување на постапката за донесениот ДУП, но наместо со правен акт, од општината му одговориле со известување. Тоа во правниот речник се нарекува “административен молк”.
Од општина Ѓорче Петров ни потврдија дека добиле две барања од Лазиќ. За првото барање за повторно донесување на ДУП-oт велат дека тоа не било предвидено со овогодинешниот буџет на општината. Додека за второто барање, за вонредно делумно укинување на ДУП-от, локалната власт одговори дека само Уставниот суд имал ингеренции да направи такво нешто.
Текстот во целост на: irl.mk.