На климатските промени веќе не треба да се гледа само како на иднина, туку како на реалност на која општествата мора да се приспособат, порача европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, на Втората работна сесија на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија, посветена на животната средина.
Вајц посочи дека последиците од глобалното затоплување се сè поизразени, особено во земјоделството. Како пример ги наведе топлотните бранови, сушите и шумските пожари во Европа, при што оцени дека појавата на пожари во Белгија и на австриските Алпи покажува дека климатските промени засегаат и подрачја каде што ваквите појави претходно биле поретки.
Според него, потребно е да се намалуваат емисиите на јаглероден диоксид, но истовремено и да се подготват општествата за условите што веќе се создаваат. Тој посочи дека во ЕУ годинава речиси 35.000 луѓе починале како последица од жештините, а бројот на денови со температури над 40 степени значително се зголемил.
Вајц нагласи дека климатските промени бараат подготовка на градовите, земјоделството и сообраќајната инфраструктура. Како пример го посочи прекинот на железничкиот сообраќај во Австрија поради високите температури.
Тој се осврна и на управувањето со отпадните води, депониите, загадувањето на воздухот и рударството. Според него, потребни се суровини, но при нивното искористување не треба да се губи повеќе отколку што се добива. Притоа, посочи дека постојат современи и поеколошки начини на рударење, но тие се поскапи.
Зборувајќи за Македонија, Вајц ја истакна природата како потенцијал и за заштита и за економски развој. Тој ги спомена Пелистер, Галичица, Маврово и Шара, како и трите национални паркови, оценувајќи дека земјата има услови за развој на природниот туризам.
На сесијата пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Арсова, се осврна на напредокот во усогласувањето на македонското законодавство со европските стандарди во областа на животната средина.
Таа посочи дека се зајакнуваат институционалните капацитети, мониторингот и заштитата на природата, а воспоставен е и посебен сектор за климатска акција. Според Арсова, во 2025 година биле спроведени 1.772 инспекциски надзори, при што биле утврдени 530 неправилности.
Во јули годинава националната мониторинг-мрежа за квалитетот на воздухот била проширена со нова автоматска мерна станица во Штип, со што бројот на станици достигнал 23.
Арсова информираше и за активностите во управувањето со отпадот, вклучително и селектирањето, рециклирањето и компостирањето, како и за инвестициите во регионалната инфраструктура и затворањето на несоодветните депонии и дивите ѓубришта.
Таа посочи дека се подготвува и нов закон за природа, со кој се предвидува усогласување со европските директиви за птиците и живеалиштата. Паралелно се создаваат предуслови за идната мрежа „Натура 2000“, при што досега се идентификувани 24 потенцијални подрачја што опфаќаат околу 12 отсто од територијата.
Во делот на климатската политика, Арсова истакна дека Владата го усвоила предлог-законот за климатска акција и го доставила на мислење до Венецијанската комисија. Со него се предвидуваат механизми за следење, известување и проверка на емисиите, дозволи за емисии и јаглеродно ценообразување, со стратешка цел: постигнување климатска неутралност.