Пратеничката Иванка Василевска учествуваше на Конференцијата на претседатели на секциите на националните парламенти од европскиот регион на Парламентарното собрание на Франкофонијата, што се одржа на 13 април во Варшава.
На конференцијата присуствуваа делегации од повеќе европски земји, а во фокусот беа прашања поврзани со улогата на националните парламенти во Европската Унија, реформските процеси и безбедносните политики, вклучително и предизвиците од зголемените воени трошоци.
Во своето обраќање, Василевска истакна дека Собранието на Северна Македонија останува посветено на реформите и покрај застојот во евроинтеграциите, нагласувајќи дека тие се важни за развој на одржливо и просперитетно општество.
Таа посочи дека, и покрај напредокот, останува впечатокот дека евроинтеграцискиот процес е блокиран, поради што побара информации за можни механизми преку кои би се спречило билатералните прашања да влијаат врз пристапниот процес во Европската Унија.