Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден упати честитки до поглаварот на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, како и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква, Емил Заев.
Во честитката до архиепископот Стефан, претседателката истакнува дека Велигден е темел на христијанската вера и вечен извор на надеж, нагласувајќи дека во овие „возвишени и благодатни денови“ граѓаните треба да се обединат околу вредностите на љубовта, солидарноста и заемната почит.
„Во време на тешки општествени превирања, големи искушенија и силни морални предизвици, мораме да истраеме во добродетелите и да го зајакнеме духот на заедништво“, наведува Сиљановска-Давкова, посакувајќи мир, здравје и духовна сила во домовите на верниците.
Во честитката до Евангелско-методистичката црква, таа потенцира дека Велигден е симбол на нов почеток и духовна обнова, празник кој потсетува дека „по секоја темнина доаѓа светлина“ и дека добрината секогаш победува.
Претседателката повикува на сплотеност, грижа за ближните и ширење позитивна мисла, истакнувајќи дека токму во предизвикувачки времиња општеството треба да остане обединето околу вистинските вредности.
Честитките ги завршува со традиционалниот поздрав: „Христос воскресе! Навистина воскресе!“.