За побрз и поодржлив економски раст, Македонија мора да вложува во зголемување на продуктивноста, дигиталната трансформација и диверзификацијата на економијата, порача вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, на конференцијата организирана од Џ.П. Морган во Виена.
Говорејќи за економските перспективи на земјата, Митреска истакна дека македонската економија покажала значителна отпорност и покрај бројните глобални кризи во изминатите години. Таа посочи дека просечниот економски раст во последните пет години изнесувал 3,3 проценти, што е блиску до проценетиот потенцијален раст од 3,5 проценти, додека економската активност го надминала претпандемиското ниво за околу 12 проценти.
Според неа, растот бил поттикнат од личната потрошувачка, извозот и инфраструктурните инвестиции, но за да се одржи и забрза потребни се подлабоки структурни реформи.
„Продуктивноста во земјата и натаму е околу половина од просекот на Европската Унија, а нивото на дигитализација достигнува околу 70 проценти од европскиот просек. Инвестициите во технологија, иновации и човечки капитал се неопходни за побрзо приближување кон европските стандарди“, истакна Митреска.
Таа нагласи дека земјата располага со добра основа за натамошен развој на дигиталната економија. Според индексот на Меѓународен монетарен фонд за подготвеност за вештачка интелигенција, Македонија е рангирана на 76-то место меѓу 174 држави и е над светскиот просек. Воедно, ИКТ-секторот бележи континуиран раст, а ИКТ-услугите учествуваат со околу 43 проценти во вкупниот извоз на услуги.
Осврнувајќи се на надворешното економско окружување, Митреска потсети дека 76 проценти од македонскиот извоз е насочен кон Европската Унија, додека околу 40 проценти од вкупниот извоз завршува на германскиот пазар. Според неа, ваквата интегрираност носи значајни придобивки преку странските инвестиции и трансферот на технологии, но истовремено ја нагласува потребата од поголема диверзификација на извозните пазари и инвестициските текови.
Во делот за инфлацијата, вицегувернерката оцени дека централните банки денес се подобро подготвени да се справат со ценовните притисоци отколку за време на енергетската криза во 2022 година. Таа нагласи дека навремените мерки и кредибилитетот на монетарната политика се клучни за спречување на долготрајни инфлациски притисоци.
„Искуството од последните години покажа дека со соодветна комбинација на монетарни, макропрудентни и други економски политики може успешно да се зачуваат ценовната и финансиската стабилност. Но, за долгорочно повисок раст потребни се и структурни реформи што ќе ги поттикнат продуктивноста, инвестициите и конкурентноста на економијата“, порача Митреска.