Во предградието на Чикаго дошло до инцидент во кој агенти на американската Служба за имиграција и царина (ICE) по грешка привеле американски државјанин, кој при интервенцијата бил повреден. Случајот се случил во неделата наутро во Еванстон, Илиноис, а локалната полиција започнала истрага.
Полицајци излегле на терен околу 9:49 часот по пријава за расправија меѓу двајца мажи. На местото бил пронајден маж на земја со повеќе повреди, поради што била повикана итна медицинска помош. Тој се пожалил на повреди на главата, вратот и забите.
Според сведоци, агентите на ICE се обиделе да го приведат мажот. На видеоснимка направена од еден од присутните се слуша како тој вели: „Јас сум американски државјанин“.
Од полицијата во Еванстон соопштија дека еден од нивните службеници на местото разговарал со лице кое се претставило како федерален агент. Агентот навел дека спроведуваат истрага за лице по кое се трага.
Според верзијата на федералните агенти, тие се обиделе да идентификуваат човек кој одговарал на описот на лицето што го барале. Од ICE тврдат дека мажот одбил да ги покаже документите и пружил отпор при приведувањето.
Агентите го ослободиле откако утврдиле дека не станува збор за лицето што го барале и дека е американски државјанин.
Министерството за домашна безбедност на САД соопшти дека агентите на ICE се идентификувале како полицајци и дека лицето добило наредби кои, според нив, биле законски, но одбило да соработува и да се идентификува.
Сепак, снимките од инцидентот покажуваат физичка пресметка во која двајца агенти го соборуваат мажот на земја. На една од снимките се гледаат агентите и мажот во турканица, по што тој завршува на земја.
Откако мажот им кажал дека е американски државјанин, агентите се оддалечиле и се вратиле во своите возила. Тој останал да лежи на патот, додека неколкумина минувачи му помогнале.
Полицијата во Еванстон соопшти дека го истражува случајот, ги прегледува снимките од полициските камери и разговара со сведоците. Од обвинителството на округот Кук наведоа дека предметот сè уште не им е доставен и дека евентуална одлука за обвинение ќе биде донесена по завршувањето на полициската истрага.
Еден од сведоците, Мигел Оливарес, изјавил дека мажот бил видно потресен по инцидентот. Според него, присутните се обиделе да го смират откако агентите го пуштиле.
Локалната полиција навела и дека еден од федералните агенти имал крв на рацете. Агентот рекол дека повредата ја добил додека се обидувал да го приведе мажот, но одбил лекарска помош.
Според Министерството за домашна безбедност, ICE има овластување за приведување согласно федералниот закон, додека полицијата во Еванстон продолжува да ги утврдува сите околности на конкретниот случај.