Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, денеска од собраниската говорница упати серија остри критики кон министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, образложувајќи ја интерпелацијата поднесена против него. Во своето обраќање, Апасиев го обвини Тошковски за непотизам, судир на интереси, партизација на полицијата и неуспешно раководење со Министерството за внатрешни работи.
Според Апасиев, Тошковски претставува пример за политички опортунизам и кадар изграден во структурите на ВМРО-ДПМНЕ, чија кариера, како што рече, напредувала благодарение на партиски врски и влијанија.
Најострите критики беа насочени кон неговата адвокатска и деловна кариера пред да стане министер. Апасиев тврдеше дека Тошковски бил фаворизиран адвокат на функционери и структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ, застапувајќи високи партиски функционери и лица обвинети во предмети на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Апасиев оцени дека Тошковски, наместо да воведе ред во институцијата, ја претворил во „фамилијарна тезга“, во која блиски роднини и познаници добивале унапредувања и привилегии.
„Во СВР Велес првите братучеди си ги унапредивте, баџанакот стана доцент на Факултетот за безбедност, а најдобрите студенти остануваат без шанса. После се чудите зошто младите бегаат од државата“, рече Апасиев.
Тој отвори и прашања поврзани со професионалната кариера и имотната состојба на министерот, посочувајќи дека Тошковски како адвокат бил поврзуван со контроверзни бизнисмени, градежни проекти и фирми кои, според него, работеле спротивно на законските ограничувања за адвокатската професија.
Во продолжение, Апасиев обвини дека министерот додека бил адвокат истовремено бил поврзан со консултантска фирма, што, според него, претставува прекршување на Законот за адвокатура и адвокатскиот етички кодекс.
„Како може министер за ред и безбедност, џандарот над џандарите, фирмата да ја префрли токму на човек кој бил обвинет во случај за перење пари? Тоа отвора сериозни сомнежи за начинот на кој функционира човекот што денес ја води полицијата“, рече Апасиев.
Посебен акцент во своето излагање тој стави на трагедијата во Кочани, оценувајќи дека Тошковски не понел ниту морална, ниту политичка одговорност.
„По најголемата трагедија во Македонија во последните децении не видовме ниту оставка, ниту преземање одговорност. Цело време слушавме дека МВР не било виновно, а денес имаме осудени полицајци поврзани со случајот“, изјави Апасиев.
Тој го обвини министерот и за толерирање на корупцијата и криминалот во полициските редови, посочувајќи дека во последните години стотици полицајци биле предмет на кривични постапки.
Според Апасиев, наместо да ја зајакне полицијата, Тошковски дозволил значителен дел од безбедносните услуги во државата да ги преземат приватни агенции за обезбедување.
„Имаме над 12.000 вработени во МВР, а училиштата, градинките, болниците, музеите и државните институции ги чуваат приватни агенции. Над 300 милиони евра завршиле кај приватното обезбедување, додека полицајците работат со недоволна опрема и ресурси“, рече Апасиев.
Во завршницата од говорот, лидерот на Левица го обвини министерот за селективна правда и различен пристап кон слични случаи, посочувајќи повеќе примери, меѓу кои и случајот со Кирил Михаилов.
„Јавно се објавуваат повици за силување на наша советничка во Град Скопје, а институциите молчат. Тука ја гледаме селективноста на МВР“, рече Апасиев.
Завршувајќи го своето излагање, Апасиев оцени дека Тошковски не успеал да воспостави професионален систем во МВР и дека институцијата повторно е претворена во партиски инструмент, поради што, како што рече, интерпелацијата е целосно оправдана.