Бројот на загинати во разорните земјотреси што ја погодија Венецуела се искачи на повеќе од 900 лица, додека 3.360 се повредени, покажуваат најновите податоци на властите. Спасувачките екипи и натаму трагаат по преживеани под урнатините, додека семејствата во неизвесност чекаат информации за своите најблиски.
Според Би-Би-Си, два силни земјотреси ја погодија Венецуела во средата, во интервал од само неколку секунди. Вториот потрес, со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала, е еден од најсилните што ја погодиле земјата во последниот век.
Најтешко е погодена сојузната држава Ла Гваира, северно од главниот град Каракас, каде се наоѓаат едно од двете главни пристаништа и меѓународниот аеродром „Симон Боливар“, најголемиот воздушен сообраќаен центар во земјата.
Властите проценуваат дека околу 50.000 лица се водат како исчезнати, а предупредуваат дека бројот на загинати дополнително ќе расте како што продолжуваат спасувачките операции.
Жителката на Ла Гваира, Наташа Дијаз, за Би-Би-Си изјави дека нејзините две ќерки, на возраст од 22 и 23 години, останале затрупани под урнатините на трговски центар каде работеле како педикирки.
„Беа со своите пријателки. Само сакам да ги пронајдат. Верувам и се надевам дека сè уште се таму. Само сакам да ми се вратат. Тие се сè што имам, ве молам“, рекла таа.
Претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, соопштил дека бројот на загинати достигнал 920, додека за најмалку 172 лица и натаму се верува дека се затрупани под урнатините. Само во Ла Гваира досега се спасени најмалку 243 лица.
Стотици згради се оштетени или целосно уништени, меѓу нив и голем број болници и трговски центри, додека оштетени се најмалку 1.000 други инфраструктурни објекти.
Преостанатите здравствени установи работат на работ на своите капацитети, а лекарите предупредуваат дека здравствениот систем бил во тешка состојба уште пред катастрофата.
Во Венецуела веќе пристигнаа стотици меѓународни спасувачи, а нови тимови се на пат. Поради прекинатите комуникации, оштетените патишта и недостигот од механизација, првите спасувачки акции биле исклучително тешки, па во поединечни случаи спасувачите со голи раце извлекувале луѓе од урнатите згради.
Од Велика Британија полетал воен авион со британски тимови за потрага и спасување, кучиња-трагачи и дронови, додека свои спасувачки екипи испратија и САД, Холандија, Мексико и Швајцарија.
САД најавија и испраќање воени бродови, транспортни авиони и хуманитарна помош во вредност од 150 милиони долари.
Генералниот секретар на Норвешкиот совет за бегалци, Јан Егеланд, изјави дека меѓународните спасувачки тимови на терен затекнале „страшни размери на разурнување“, оценувајќи дека Венецуела ја дочекала катастрофата неподготвена поради веќе нарушената инфраструктура, која е последица на повеќедецениско недоволно инвестирање.