Откако претседателот Стево Пендаровски ја посети Ембла, девојчето со Даунов синдром, која сама во училница го почна второто полугодие и заедно отидоа на училиште, еден од најголемите светски медиуми, „Си-ен-ен“ ја објави приказната за нивната средба. Во текстот со наслов „11-годишно девојче со Даунов синдром беше малтретрирано, па претседателот на државата ја одведе на училиште“ пишува:
„Претседателот Стево Пендаровски ја држеше Ембла Адеми за рака, додека ја водеше до основното училиште во Гостивар минатиот понеделник. Ембла доживеа малтретирање на училиште како резултат на тоа што има Даунов синдром – генетска состојба која предизвикува пречки во учењето, здравствени проблеми и карактеристични црти на лицето – изјави портпаролот на кабинетот на претседателот за ‘Си-ен-ен.
Пендаровски разговараше со родителите на Ембла за предизвиците со кои таа и нејзиното семејство секојдневно се соочуваат и разговараше за решенијата.
„Претседателот рече дека е неприфатливо однесувањето на оние кои ги загрозуваат правата на децата, особено кога станува збор за деца со нетипичен развој“, пишува „Си-ен-ен“.