За политиката на Бугарија кон македонската заедница во Албанија и за обидите на Софија да го зголеми своето влијание во областите населени со Македонци, говореше претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски.
Во интервју за албанската телевизија СОТ7, во разговор со новинарот Илир Шута, Стерјовски посочи дека посебно внимание заслужуваат Преспа, Гора и Голо Брдо. Според него, станува збор за подрачја во близина на Македонија во кои традиционално живее македонско население, а кои, како што тврди, се дел од пошироките бугарски амбиции.
Стерјовски оцени дека бугарската политика добила поголем интензитет по членството на Бугарија во Европската Унија. Тој смета дека притисокот врз Албанија особено се зголемил во периодот пред земјата да ги отвори пристапните преговори со ЕУ.
Како пример го посочи признавањето на бугарското малцинство во Албанија во 2017 година. Според Стерјовски, одлуката била донесена под политички притисок и како резултат на компромис меѓу албанските политички сили. Тој тврди дека такво малцинство не било регистрирано во првите сто години од постоењето на албанската држава, ниту во пописите спроведени до 2017 година.
„Сè се направи со директен притисок врз Албанија. Или ќе признаете бугарско малцинство, или во спротивно ќе бидете блокирани на вашиот пат кон Европската Унија“, изјави Стерјовски.
Тој потсети дека со измените на Законот за заштита на националните малцинства во 2017 година, бугарското малцинство било внесено во албанската законска рамка со гласовите и на власта и на опозицијата.
Оттогаш, според Стерјовски, започнал процес на создавање и зголемување на бугарската заедница во Албанија. Како еден од механизмите тој го посочи стекнувањето бугарско државјанство.
Посебно внимание посвети на потврдите за бугарско потекло. Стерјовски тврди дека дел од локалните институции во Албанија издаваат вакви документи за финансиски надомест, по што тие се користат во постапките за добивање бугарско државјанство.
„Начинот на кој се работи е со овие методи: методот со пасошите и другите методи со овие лажни потврди што ги издаваат општините и различни донации“, рече Стерјовски.
Тој нагласи дека локалните власти, според албанските закони, немаат надлежност да утврдуваат етничка припадност. Сепак, според неговите тврдења, дел од локалните институции ја злоупотребуваат службената положба и издаваат потврди за бугарско потекло кои потоа се користат во постапките за бугарски пасош.
Според претседателот на МАЕИ, со ваквата практика постепено се создава документација која во иднина може да послужи како основа за зголемување на бројот на луѓе што ќе бидат претставувани како припадници на бугарското малцинство во Албанија.
Во тој контекст, тој ги издвоил Преспа, Гора и Голо Брдо.
„Нивната цел е овие области што се погранични со Македонија – Преспа, Гора, Голо Брдо – каде што живее македонската заедница, да се прогласат за бугарски области“, рече Стерјовски.
Тој ја поврза ваквата политика со односот на официјална Софија кон македонскиот национален идентитет, а во интервјуто направи и историска паралела со Санстефанскиот договор од 1878 година.
Стерјовски оцени дека тогашниот проект за Голема Бугарија ги опфаќал и подрачјата околу Корча, Подградец и Дебар.
„Бугарско малцинство во Албанија го означува Санстефанскиот проект, Голема Бугарија сè до Корча, Подградец и Дебар“, изјави тој.
Иако Санстефанскиот договор бил ревидиран со Берлинскиот конгрес, Стерјовски смета дека историските концепции поврзани со него и натаму имаат влијание врз бугарската политика.
Тој на крајот предупреди дека последиците од ваквите процеси би можеле да ја засегнат и Албанија.
„Денес ние го имаме овој проблем што го имаме како заедница, но од друга страна тоа ќе ѝ се врати како бумеранг и на албанската држава“, порача претседателот на МАЕИ.