Во тишина прекината од тешки воздишки и солзи, четири бели гулаби полетаа кон небото – симбол на душите на Андреј Стојанов, Андреј Лазаров, Стефанија Соколова и Стојанче Стефанов, четирите млади жртви кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Хуманитарниот натпревар, одржан под мотото „Хуманост без граници“, беше само поводот – вистинската суштина на настанот беше во силната емоција и непремостливата болка на нивните семејства и пријатели.
Најемотивниот момент не дојде со свирежот на судијата, туку со гестот што молчи погласно од зборовите: четири бели гулаби, пуштени од најблиските на младите загинати. Со солзи во очите и стиснати срца, роднините ги испратија во небото како симбол на невината младост, незавршените животи и надежта дека таму некаде – има мир.

Настанот ги обедини граѓаните во заедништво, солидарност и достоинствена тишина. Влезниците беа симболични – 200 денари – но пораката беше бесценета: овие четири имиња нема да бидат заборавени.