На пролет, кога истекува мандатот на раководството на СДСМ, целото членство ќе може да предлага и да избира лидер со непосредно гласање. Тоа го овозможуваат измените на партискиот Статут што беа усвоени на 25-от конгрес.
Конгресот на СДСМ ги усвои измените и дополнувањата на статутот на партијата, информираше партискиот претседател, Зоран Заев на прес-конференција по завршувањето на Конгресот.
Тој образложи дека со новите измени за првпат една политичка партија својот претседател ќе го бира на директни внатрепартиски избори, непосредно, а изборот ќе се случува следната година во првото полугодие кога истекува мандатот на ова раководство.
Тоа значи дека секој член на СДСМ ќе може да гласа и директнто да одлучува кој ќе ја води партијата.
„За претседател на СДСМ ќе може да се кандидира секој член со најмалку 5 години работа во партијата и 1 мандат како член на Централниот одбор со право на глас“, рече Заев изразувајќи надеж дека овој пример понатаму ќе го следат и другите политички партии.
Со новите измени црвената боја станува боја на СДСМ.
„Тоа е бојата на социјалдемократијата. Боја што ја отсликува силата и вербата во подобра заедничка иднина. Тоа е боја на нашето македонско знаме“, рече Заев на прес-конференцијата.