Драма се случила во Националниот парк Серенгети во Танзанија, кога сафари-возило со четворица швајцарски туристи и танзаниски возач излетало во реката Мара, позната по големиот број нилски крокодили.
Инцидентот се случил во неделата попладне, додека туристите ја набљудувале Големата миграција на животните. Според снимката од очевидци, возилото се движело брзо по нерамен терен, по што се занело. Една од туристките паднала од возилото, а потоа и самиот џип продолжил неконтролирано и завршил во реката.
Сите четворица туристи и возачот успеале да излезат од возилото и да бидат извлечени на безбедно. Управата на националните паркови на Танзанија (TANAPA) потврди дека нема повредени.
Според сведоци, возачот наводно брзал за да им обезбеди на туристите подобар поглед кон стадата гнуови што ја преминувале реката. Локалните медиуми известуваат дека возачите на сафари-возила често се натпреваруваат кој прв ќе стигне до најдоброто место за набљудување на животните.
Од TANAPA ги предупредија возачите, туристите и туристичките агенции строго да ги почитуваат правилата при преминување на реките и да ги следат упатствата на надлежните лица, особено поради опасноста од дивите животни.
Големата миграција е еден од најпознатите природни спектакли во Источна Африка, при што милиони гнуови секоја година се движат низ Серенгети и преминуваат реки во потрага по храна и вода.