„Длабоката држава" во Македонија ги нарушува нормалните односи меѓу двете земји, гради омраза и непријателство кон Бугарија,вклучува професори, новинари, вработени во службите за национална безбедност,во суштина, тие не се сите Македонци, нагласува во интервјуто Георгиевски.
Тој оценува дека југословенската историографија ја призна македонската нација како најмлада на Балканот, а дека Никола Груевски со антиквизацијата и нанесе тежок удар.
„Треба да ги признаеме заслугите на Зоран Заев поради неговата желба за пријателство со Бугарија", порачува Георгиевски и нагласува дека Заев и Бојко Борисов треба да изнајдат решение со кое ќе се тргне кон историско доближување.
Љубчо Георгиевски вели дека често пати е критикуван во Македонија дека застапува бугарски ставови, па нагласува дека со ова интервју ќе се обиде да биде адвокат на Македонија. Вели дека ако до пред четири пет години за добивање на бугарски пасош лицата се критикувале и „биле распнувани на крст“, дека сега тоа е нормална работа, како што е нормално, вели, да се засвират и бугарски песни во кафеани, а не само српски.
Во однос на напорите да се дојде до договор околу историските прашања, Георгиевски вели дека има многу отпор во Македонија.
„Тоа е ситуација како кога Доналд Трамп се бори со невидливи структури. Многу добро се сеќавате дека кога бев премиер се борев на ист начин. Можам да кажам дека Зоран Заев и Стево Пендаровски како политичари даваат многу смели изјави за доближување кон Бугарија, но од другата страна има 40 професори кои велат дека преговорите со Бугарија треба веднаш да се прекинат и дека Гоце Делчев е Македонец. и дека не треба да се дозволува никакво поврзување на Гоце Делчев со Бугарија“, вели Георгиевски.
На прашање од новинарот како е можно партија која го носи префиксот ВМРО, да слави убијци на лица од организацијата ВМРО, Георгиевски вели:
„Во времето на Никола Груевски, оваа партија следеше курс на движење кон Југославија. Не знам дали новиот лидер Христијан Мицковски ќе може да се ослободи од оваа идеологија, но засега е тешко“, вели Георгиевски.