Јавната дискусија за тоа кој треба да настапува на „Кавадаречки гроздобер“, а која се води меѓу пејачот Спасен Силјановски и градоначалникот на градот Митко Јанчев, продолжува. Откако Јанчев му порача на Силјановски „Дојди во Кавадарци да видиме колку публика ќе донесеш“, пејачот му одговори јавно, преку видео.
„Ме омаловажи мене, ја омаловажи македонската естрада. Во позадина тече песната 'Ние страдаме од нашите душмани', една од омоите омилени песни. Јанчев се најде прозван, со обвинувања дека сум ги навредил изведувачките, него и манифестацијата - а тоа не е точно. Не се навредени ниту изведувачите од Србија, ниту нашата манифестација, туку вие ја отсликавте таа слика да личи на Роштилијада, бидејќи поканувате српски изведувачи на македонска традиционална манифестација. Го правите Кавадарци да личи на Врање. Јас сакам да биде побогата, па затоа изнесувам критики. Ја имам таа должност како човек што ја сака својата нација, култура, музика, спротивно од вас!“, рече Силјановски.
Пејачот додава: „Да, јас прашав каде сте градоначалник бидејќи ако дојде некој на манифестацијата, ќе се запраша дали е во Лесковец на роштилијада. Ви пропаѓаат обидите да наметнувате реторика дека сум ве навредил вас и манифестацијата“.
Силјановски му порача на Јанчев дека ги омаловажува македонските пејачи односно изведувачи.
„Ја омаловажувате македонската музика. Вие ги понижувате сите мои колеги, сосе дојените. Тврдите дека вашето место е само за ѕвезди од Балканот. За мене се ѕвезди Васка Илиева и Сариевски. Не знам кои се за вас ѕвезди!“, додаде пејачот.
Му замерува и на речникот.
„Споменувате бројки, викате 'дојди ти да видиме колку публика ќе донесеш', тоа знаете како звучи: како две првачиња кои викаат 'ајде да се пробаме да се степаме, да видиме'. Толку мизерно звучи. Јас се натпреварувам со сам себе, секоја песна да биде подобра од претходната“, додаде Силјановски.
Потоа кажа: „Еве јас да ви го направам кејфот, можеби јас не можам да наполнам.. ама нема ли македонски изведувачи кои не можат да наполнат сцена? Во Македонија, за странците важи 'не играј, не пеј, не свири'!
„Викате дека повеќе пари ќе се заработат со тие ѕвезди.. Па повеќе пари ќе се заработи и со 'Кнез Милош' (вид на вода), ете таа за мене е поубава вода.. Зошто само 'Кожувчанка' правите? Зошто да се пие само 'Кожувчанка'? Правите монопол таму каде имате личен интерес, а за националниот интерес - ич не ви е важно. Ако ви дадат Илинден да го организирате.. Што ќе направите, ќе донесете турски пејач? Како што носите српски пејачи во тиквешијата?“, додаде пејачот.