Додека Израелците протестираат низ целата земја барајќи ослободување на преостанатите заложници од Газа, Дорон Штајнбрехер (32) ја раскажа својата голготa од 471 ден поминат во заробеништво на Хамас. Во интервју за Reuters таа истакна дека се надева сите заложници наскоро ќе се вратат дома.
„Ги молев да не ме убијат,“ се присети таа, опишувајќи како секој миг минувал во страв за животот. „Сега е најважно да се вратат сите дома. Секоја секунда се во опасност – нема храна, нема вода, санитарните услови се катастрофални,“ додаде Штајнбрехер.
Таа била држена во подземни тунели, без светлина и свеж воздух, каде не можела да разликува ден од ноќ. „Во еден од тунелите едвај можев да стојам исправено,“ опиша. Била подложена на постојан психолошки притисок – милитантите ја предупредувале дека ќе биде егзекутирана доколку се приближи израелската армија. Било забрането да покажува емоции, ретко ѝ било дозволено миење, а секој ден морала да моли за малку храна.
И покрај тешкотиите, развила блиска врска со другите млади жени што биле со неа во заробеништво. „Во тунелите нè држеше само меѓусебната поддршка,“ раскажа таа.
Штајнбрехер беше киднапирана на 7 октомври 2023 година, кога Хамас изведе напад врз Израел – ден кој остана најсмртоносен од Евреите од Холокаустот па наваму. Во нападот беа убиени 1200 луѓе, а 251 лице беше одведено во Газа.
Таа во тоа утро се подготвувала за трчање во близина на својот кибуц Кфар Аза. Кога започнало ракетирањето, се скрила под кревет. „Влегoа вооружени луѓе и пукаа кон креветот – еден куршум замина само неколку сантиметри од мојата глава,“ раскажа. Откако еден од милитантите го кренал душекот, ја откриле и ја одвеле.
Штајнбрехер беше ослободена во јануари годинава во рамки на договор меѓу Израел и Хамас. „Имав привилегија да се вратам дома. И тие што останаа ја заслужуваат истата шанса,“ изјави таа, мислејќи на преостанатите 50 заложници, од кои дваесетина се сè уште живи според израелските процени.
Во меѓувреме, притисокот врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху расте. Додека демонстрантите секоја недела блокираат улици во Тел Авив и други градови, барајќи договор за ослободување на заложниците и прекин на војната, дел од крајно десните министри му се закануваат со уривање на владата ако конфликтот заврши без целосна победа.
Израелската офанзива во Газа досега однесе над 62.000 животи, според здравствените власти во Газа, а во регионот владеат глад и хуманитарна катастрофа. Но, за Дорон Штајнбрехер пораката е јасна: „Сѐ што ми останува е да се молам сите да се вратат живи. Секој од нив заслужува повторно да биде дома.“