Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното интервју на „360 степени“ вели дека бил ироничен кога изјави дека никаде не го поврзал братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев со случајот за наводен рекет поврзан со РЕК „Битола“ што Мицкоски го обелодени пред неколку дена.
„Претпоставувам ја разбравте иронијата и сарказмот во мојата изјава. Јас зборував токму за тоа лице Вице Заев и за оваа фамилија на власт дека се длабоко замешани во вакви скандали уште многу пред ова да се објави на македонската јавност“, вели Мицкоски.
Тој негира дека се дистанцира од брифингот со новинарите на кој го презентираше случајот за наводен рекет поврзан со РЕК „Битола“ и додава дека изјавата дадена вчера во Прилеп во која вели дека никаде не го споменал Вице Заев, тврди дека е иронична.
Претходно, Мицкоски од Прилеп кажа дека не зборувал за Вице Заев.
„Никаде јасно не посочивме дека во скандалот со изнудување пари од битолска фирма е замешано ова лице што го споменувате. Во Записникот од ОЈО стои името Вице Н., а зошто братот на премиерот се препознал и зошто беа потребни сите тие навреди и реакции кон мене, не знам. Јас никаде на тој брифинг со новинарите не го спомнав името и презимето на Вице Заев“,
рече денеска Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата во Прилеп.