Капачите на плажата Анкон во Марбела останале во шок кога огромна риба се појавила во близина на брегот и почнала да следи еден од капачите, кој во паника се обидувал што побрзо да стигне до копното.
Снимките објавени на социјалните мрежи го прикажуваат моментот кога голема риба со истакната перка се појавува во водата покрај капачот. Тој во првиот момент помислил дека станува збор за ајкула и очајнички пливал кон брегот, додека луѓето од плажата почнале да врескаат и да трчаат покрај водата.
Откако стигнал до безбедно, станало јасно дека „нападот“ не дошол од ајкула. Во плиткото се нашла огромна туна, чија тежина била проценета на околу 295 килограми.
Инцидентот се случил на плажата Анкон, на познатата Златна милја во Марбела. Морето накратко се обагрило со црвена боја бидејќи туната крвавела од жабрите, најверојатно поради претходна повреда. Капачите претпоставиле дека можеби била повредена од риболовна опрема или во судир со воден скутер.
Откако сфатиле дека животното не претставува опасност и дека е повредено, присутните се обиделе да му помогнат. Со лежалки и столови за плажа успеале да ја турнат туната назад кон подлабоката вода.
Британката Жаде Блумберг, која живее во Марбела, влегла во водата за да провери дали рибата е заплеткана во мрежа или има некаков предмет во телото. „Немаше ништо. Беше огромна, толку прекрасна“, раскажала таа.
Според еден од корисниците на социјалните мрежи, туната можеби се судрила со воден скутер или друг пловен објект. Тој навел дека туните не се невообичаена појава во ова подрачје и дека понекогаш луѓето ги мешаат со делфини.