Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф упати необично срдачни зборови кон рускиот претседател Владимир Путин на почетокот на нивната вчерашна средба во Кремљ, велејќи дека разговорите со рускиот лидер еден ден ќе бидат меѓу најзначајните спомени од неговата кариера.
„Пред сè, претседателе Путин, многу ви благодарам што нè примивте. Само што седевме надвор, Џаред, Кирил и јас, а потоа ни се придружи Јуриј. Разговаравме за тоа како, кога ќе се пензионираме, ќе имаме неверојатни приказни и спомени, а оние со вас ќе бидат на самиот врв“, му рекол Виткоф на Путин.
Рускиот претседател кратко одговорил: „Ви благодарам многу“.
Во разговорот Виткоф ги споменал Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој заедно со него пристигнал во Москва, како и рускиот претставник Кирил Дмитриев и советникот за надворешна политика Јуриј Ушаков.
Американскиот пратеник му ги пренел на Путин поздравите од Трамп и му се заблагодарил за ослободувањето на Американецот Роберт Гилман, поранешен американски маринец, кој минатиот месец бил ослободен од руски затвор од хуманитарни причини.
Виткоф му се заблагодарил и за тридневниот прекин на руските напади врз Киев, кој требало да овозможи безбедно патување на американските преговарачи до Москва и нивното продолжување кон Украина.
Ова не е првпат Виткоф да упатува позитивни оценки за Путин. Минатата година, во интервју за Такер Карлсон, тој изјави дека не го смета рускиот претседател за „лош човек“, го опиша како голем лидер и рече дека му се допаднал и дека го смета за искрен.
Тие изјави тогаш предизвикаа остри реакции во Украина и кај дел од европските сојузници, кои му забележаа дека прифаќа дел од аргументите со кои Кремљ ја оправдува војната.
Виткоф и Кушнер пристигнаа во Москва во рамките на новиот обид на администрацијата на Трамп да ги придвижи преговорите за завршување на војната во Украина. Средбата со Путин траела повеќе од три часа.
По разговорите, Ушаков ја оцени средбата како „многу корисна“, но засега нема информации за конкретен напредок кон мировен договор. На разговорите биле разгледувани и можности за идни економски проекти меѓу САД и Русија.
По Москва, американските претставници се упатиле кон Киев, каде што треба да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тоа би бил нивен прв престој во украинската престолнина во рамките на актуелната дипломатска иницијатива.
Москва и Киев и натаму имаат суштински различни ставови за условите за можен договор. Русија бара Украина да се откаже од дел од териториите и од стремежот кон членство во НАТО, додека Киев ги отфрла тие барања.