Првичната истрага за инцидентот во авионот на „Флајдубаи“, кој оваа недела принудно слета во Саудиска Арабија, покажала дека капетанот бил нападнат од копилотот во текот на летот. Двајцата пилоти се здобиле со повреди, соопшти Министерството за внатрешни работи на Саудиска Арабија.
Станувало збор за лет од Дубаи кон Тел Авив, во кој во средата дошло до насилен инцидент во пилотската кабина. Поради случувањата, авионот морал итно да биде пренасочен и да слета на меѓународниот аеродром „Принц Султан бин Абдулазиз“ во Табук, во северозападниот дел на Саудиска Арабија.
Саудиските власти истрагата ја спровеле со учество на безбедносен тим од Обединетите Арапски Емирати.
Од „Флајдубаи“ во средата потврдија дека дошло до расправија во пилотската кабина, по што членовите на екипажот го обезбедиле авионот и го пренасочиле кон друг аеродром.
На авионот му било одобрено итно слетување, а безбедно пристигнал во Табук во 9:45 часот. Во авионот имало 174 патници и осум членови на екипажот.
Капетанот и копилотот биле пренесени во болница за лекување, додека патниците го продолжиле патувањето со заменски авион на „Флајдубаи“.
Капетанот на летот ФЗ1073, индискиот државјанин Смит Мачар, бил сериозно повреден. Според досегашните информации, неговите постапки по инцидентот помогнале авионот безбедно да слета, поради што добил пофалби од повеќе страни.
Индиската амбасада во Ријад соопшти дека Мачар во средата бил пренесен во болница во Табук во стабилна состојба. Подоцна бил префрлен во Абу Даби, каде што го продолжил лекувањето. Индискиот амбасадор во Обединетите Арапски Емирати го посетил, а неговото семејство било информирано за неговата состојба.
Индискиот премиер Нарендра Моди вчера разговарал со Мачар, а потоа го нарече капетанот „херој“.
„Соочен со најголемата опасност и покрај тоа што бил сериозно повреден, тој покажал огромна храброст и непоколеблива решеност да ги заштити животите на другите. Неговата храброст помогна да се спасат стотици животи и да се спречи голема трагедија“, напиша Моди на Икс.
Истрагата за целиот инцидент сè уште трае.