СДСМ нема кредибилитет да ѝ држи лекции на актуелната власт за економијата, оцени пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Биљана Кузманоска, која на денешната прес-конференција направи споредба меѓу економските резултати во првите осум квартали од владеењето на СДСМ и ДУИ и резултатите на актуелната Влада.
Кузманоска посочи дека просечниот реален економски раст во првите осум целосни квартали по доаѓањето на СДСМ и ДУИ на власт изнесувал околу 2,6 отсто. Според неа, во првите осум целосни квартали на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од третиот квартал на 2024 до вториот квартал на 2026 година, просечниот раст изнесува околу 3,55 отсто.
„Значи, 2,6 проценти во првите осум квартали на СДСМ и ДУИ, наспроти 3,55 проценти во првите осум квартали на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Кузманоска.
Таа оцени дека разликата претставува речиси еден процентен поен, односно, како што наведе, актуелната Влада има приближно 37 отсто повисоко просечно темпо на економски раст.
Кузманоска нагласи дека за економијата не е доволен еден успешен квартал, туку дека поважни се стабилноста и континуитетот на растот. Според неа, во првите три целосни квартали од владеењето на СДСМ и ДУИ растот бил под еден отсто.
„Денес имаме сосема поинаква економска динамика. Од преземањето на Владата, економијата бележи континуиран позитивен тренд, а најновиот резултат е 4,3 проценти реален раст во вториот квартал од 2026 година“, истакна пратеничката.
Таа додаде дека токму поради тоа, споредбата на економските показатели е важна кога СДСМ ја критикува економската политика на актуелната власт.
Кузманоска воедно ја обвини претходната власт дека како успех ги претставувала економскиот раст од околу два отсто, растот на платите од пет отсто во услови на, како што наведе, инфлација од 20 отсто, како и ниски зголемувања на пензиите.
„Евидентна е разликата меѓу економските резултати што ги оставија СДСМ и ДУИ и резултатите што денес ги постигнува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, заклучи Кузманоска.