Претседателката на здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“, Гордана Лолеска, преку видео обраќање упати силен апел до граѓаните да ја поддржат националната кампања за органодарителство, порачувајќи дека едно „да“ може да значи нова шанса за живот.
Во видео-обраќањето, реализирано во рамки на кампањата „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“, Лолеска истакна дека многу пациенти со ретки болести, покрај борбата со својата дијагноза, се соочуваат и со откажување на виталните органи.
„За нив, трансплантацијата на бубрег, црн дроб или бели дробови е единствениот преостанат спас за живот“, рече Лолеска.
Таа нагласи дека не зборува само како активист, туку и како мајка чие дете се наоѓа на листата за трансплантација.
„Кога во семејството страда еден член, страда целото семејство. Секојдневието станува борба во која иднината зависи од еден повик, од една одлука. Нема поголема болка од тоа да ја гледате немоќта пред болеста, но нема ниту поголема сила од надежта“, истакна таа.
Лолеска порача дека органодарителството е највисокиот чин на човечност, бидејќи во мигови на најголема загуба нечија одлука може да спаси друг живот.
„Едно ваше ‘да’ пишува нови поглавја во нечиј недовршен живот. Може да спаси едно дете, нечија мајка, татко, брат или сестра“, нагласи таа.
На крајот, таа упати благодарност до Министерството за здравство за поканата да биде дел од кампањата и ги повика граѓаните да не останат рамнодушни.
„Да не замижуваме пред туѓата болка. Да зборуваме гласно и да разбереме дека хуманоста нè прави поголеми луѓе. Подарете надеж. Подарете живот. Бидете донори. Бидете херои“, порача Лолеска.