Подигнувањето на свеста за значењето на органодарителството и трансплантацијата останува еден од клучните предизвици во здравствениот систем, а медицинските работници апелираат за поголема поддршка од граѓаните за овој хуман чин.
Во рамки на националната кампања за подигнување на свесноста за донирањето органи, медицинската сестра Каролина Ѓорѓиовска од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) ја истакна важноста на трансплантацијата како можност за спасување и продолжување на човечки животи.
„Заедно со колегите од анестезија и интензивно лекување учествуваме во процесите на експлантација и трансплантација на органи од починати донори. Тоа е исклучително благородна работа која овозможува нова шанса за живот на пациентите што чекаат трансплантација. Најголемата награда за нас е кога пациентот ќе ја напушти болницата здрав и со нова надеж“, истакна Ѓорѓиовска.
Таа упати апел до граѓаните да ја препознаат важноста на органодарителството и да го поддржат овој чин на солидарност, нагласувајќи дека зад секоја успешна трансплантација стои посветен мултидисциплинарен тим кој работи со единствена цел – спасување и подобрување на човечки животи.
Од трансплантациските тимови порачуваат дека остануваат посветени на унапредување на трансплантациската медицина и на промовирање на свеста за значењето на донирањето органи како чин што дарува нов живот.
Министерот за здравство Азир Алиу, пак, истакна дека напорите на медицинските тимови ќе бидат дополнително поддржани и преку новите законски решенија во оваа област.
Според него, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, кој се наоѓа во финална владина процедура, ќе овозможи секој граѓанин јасно да ја изрази својата волја за органодарителство, таа да биде евидентирана и соодветно почитувана.
„Предлог-законот овозможува секој граѓанин јасно да ја изрази својата лична волја за органодарителство, таа да биде евидентирана и соодветно почитувана“, нагласи Алиу.